СПЕКТАКЛ ВО СКОПЈЕ „Скопско лето“ започна со патување низ 75 години историја и векови музика

Со изложба посветена на 75 години Државен архив и концерт што ги спои традицијата, византиската музика и современиот израз, започна 47-мото издание на фестивалот.

СПЕКТАКЛ ВО СКОПЈЕ „Скопско лето“ започна со патување низ 75 години историја и векови музика
Фото: Принтскрин

Со свечена програма, синоќа беше отворено 47-мото издание на фестивалот „Скопско лето“, во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.

Фестивалската вечер започна со изложбата „75 години Државен архив на Република Северна Македонија“ под наслов „Ризница на постоењето – од документ до историја“, посветена на 75-годишниот јубилеј на оваа значајна институција.

Поставката претставува избор на највредни документи што се чуваат во Државниот архив – централниот дел и неговите девет одделенија низ земјава. Преку 16 тематски паноа, посетителите имаа можност да се запознаат со материјали кои сведочат за различни периоди од македонската историја – од османлискиот период, секојдневниот живот и културниот развој, до институционалната меморија на современата македонска држава и животот на Македонците во дијаспората.

Автори на изложбата се м-р Марјан Гијовски, Блерта Емини, Дора Јурукова, д-р Јасмина Дамјановска и м-р Јован Стојановски. По нејзината презентација во рамки на свечената академија по повод јубилејот на Државниот архив, одржана на 6 април 2026 година во Македонскиот народен театар, изложбата наскоро ќе биде претставена и пред кумановската публика.

Свеченото отворање продолжи со концертот „Аманет во свила – Звуците на Македонија од Византија до денес“, авторски проект на мултиинструменталистот Петар Христов, со аранжмани на Александар Ицковски.

Концертот понуди уникатно музичко патување низ вековите, обединувајќи го традиционалниот македонски мелос, византиската духовна музика и елементи од класичната музичка естетика. Со звуците на автентични инструменти како лира, уд, лаута, дудук, ксантур, тамбура и кларинет, публиката беше поведена низ богатото музичко наследство – од изворните песни и духовните псалми, до средновековните и византиските мотиви.

Во изведбата учествуваа Петар Христов како солист, заедно со специјалните гости Ана Митовска, Горан Трајковски, Гоце Ристовски, Симон Облешевски и Александар Ицковски, како и оркестарот „Полифонија“ составен од Сања Шуплевска, Ирена Костовска, Гоце Вангеловски и Филип Георгиев.

Репертоарот, составен од 18 музички точки, понуди широка палета на емоции – од традиционалните мотиви во „Развивај горо зелена“, преку духовните длабочини на Псалмите 118 и 120 и композициите „Ватопед“ и „Тврдокорна молитва“, до импозантните оркестарски изведби на „Весела Византија“ и „Бузелик“.

Со ваквата програма, 47-мото издание на „Скопско лето“ започна со силна порака за зачувување на културното наследство и поврзување на минатото и современоста преку уметноста.

CATEGORIES
Share This