ПОЧИНА ЈОВИЦА ИЛИЕВСКИ Градоначалник на Општина Брвеница

Ненадејната смрт на градоначалникот на Брвеница на 58-годишна возраст ја потресе јавноста, а премиерот Христијан Мицкоски го опиша како чесен, работлив и целосно посветен на граѓаните.

ПОЧИНА ЈОВИЦА ИЛИЕВСКИ Градоначалник на Општина Брвеница
Фото: Принтскрин

Градоначалникот на Општина Брвеница, Јовица Илиевски, ненадејно почина денеска на 58-годишна возраст.

Веста за неговата смрт ја соопшти премиерот Христијан Мицкоски преку објава на социјалните мрежи, изразувајќи сочувство до семејството, блиските и граѓаните на Брвеница.

„Јовица беше работлив, чесен и скромен човек, целосно посветен на луѓето и на општината што ја водеше. Функцијата ја разбираше како обврска кон граѓаните, а довербата што ја доби ја оправдуваше со работа, присуство и резултати. Беше секогаш меѓу луѓето, ги слушаше, им помагаше и се бореше за нивните потреби. Затоа граѓаните му ја дадоа довербата и за втор мандат. Ќе го паметиме и како голем вљубеник во спортот, човек со силна енергија, искрен пристап и отворено срце“, напиша Мицкоски.

Илиевски е роден на 3 мај 1968 година во Тетово. Беше оженет и татко на две полнолетни деца. Речиси две децении, од 1999 до ноември 2021 година, работеше во Клиничката болница во Тетово.

За градоначалник на Брвеница првпат беше избран на локалните избори во 2021 година, а втор мандат доби по победата во вториот круг на локалните избори во 2025 година. На функцијата официјално стапи на 13 ноември 2025 година, по приемот на уверението за избор.

Неговата ненадејна смрт претставува голема загуба за семејството, соработниците и жителите на Општина Брвеница.

CATEGORIES
Share This