ДЕНЕС ЈАС ЗА ТЕБЕ, УТРЕ ТИ ЗА МЕНЕ Со години „работеле“ без да се појават на работа, откриена неверојатна шема
Анализата на електронскиот систем покажала дека групи вработени со години меѓусебно си регистрирале присуство, иако дел од нив не биле на работното место.

Министерството за здравство открило сериозни неправилности во начинот на евидентирање на работното време, при што, според тврдењата на министерот за здравство, со години функционирала пракса еден вработен да се пријавува на работа во име на повеќе колеги кои воопшто не биле присутни во институцијата.
Анализата на податоците од системот за евиденција покажала дека одредени групи вработени меѓусебно ги користеле електронските картички за пријавување и одјавување, создавајќи шема на злоупотреба според принципот „денес јас за тебе, утре ти за мене“.
Сомнежите се појавиле откако било забележано дека исти лица во подолг период се појавувале и заминувале во речиси исто време, со идентични записи во системот. По извршените проверки и разговорите со вработените, дел од нив, според надлежните, ги потврдиле утврдените неправилности.
Како мерка за спречување на ваквите случаи, Министерството најавува воведување нов систем за евиденција преку отпечаток од прст, со кој ќе се оневозможи едно лице да регистрира присуство за друг вработен.
Од ресорот очекуваат новиот начин на евидентирање да донесе поголема дисциплина, поточна пресметка на работните часови и поправедно утврдување на прекувремената работа.
Според надлежните, целта е да се воспостави поголема одговорност во институциите и да се спречат практики со кои досега дел од вработените можеле да го избегнат редовното присуство на работното место.


