НАД 1.300 Е-ПРОДАВНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА Еве што најмногу купуваат граѓаните преку интернет
АЕТМ објави ажурирана база со проверени е-продавници за поголема сигурност при интернет купување.

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) го објави новото ажурирано издание на Регистарот на е-трговци, алатка која им овозможува на граѓаните пред онлајн купување да проверат дали продавачот е регистриран и дали нуди безбедно плаќање преку банка.
Според податоците на Народната банка, во 2025 година во Северна Македонија биле регистрирани 1.829 продажни места за е-трговија, од кои 1.396 биле активни, односно реализирале најмалку една онлајн трансакција во текот на годината.
Регистарот на АЕТМ претставува единствена база на домашни онлајн продавачи кои овозможуваат плаќање со платежни картички. Неговото ажурирање се спроведува во соработка со пет банки кои обработуваат е-трансакции – Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка, Халк Банка и УНИБанка.
При ажурирањето, АЕТМ врши проверка, идентификација и категоризација на е-продавниците, со што се обезбедува прегледна слика за понудата на домашниот пазар. Според методологијата на АЕТМ, активна е-продавница е онаа која има активна веб-страница и реализирала најмалку една онлајн трансакција во текот на годината.
Регистарот опфаќа 1.374 активни е-продавници распоредени во 25 категории. Најголема застапеност имаат:
- козметика, производи за убавина и нега – 115 продавници;
- облека, обувки и модни додатоци – 100;
- храна и пијалаци – 87;
- бела техника и електроника – 86;
- туризам – 81;
- веб услуги, стриминг и дигитални преземања – 73;
- едукација – 71;
- дом, мебел и градина – 61.
Податоците покажуваат дека домашната е-трговија повеќе не се темели само на продажба на физички производи. Сè поголемо значење имаат услугите, туризмот, образованието и дигиталните производи, што укажува на проширување на навиките за онлајн купување кај граѓаните.
Растот на е-трговијата продолжува и во финансиски поглед. Според анализата на АЕТМ врз основа на податоците од Народната банка, во 2025 година вредноста на онлајн трансакциите достигнала 950 милиони евра, што е зголемување од 32 проценти во однос на претходната година.
Од оваа сума, 522 милиони евра се реализирани кај домашните е-трговци, додека бројот на активни продажни места е зголемен за 84 во споредба со 2024 година.
„Е-трговијата продолжува да се развива со солидно темпо, како во однос на вредноста на трансакциите, така и во однос на понудата. Регистарот ни овозможува појасна слика за домашниот пазар и покажува дека покрај традиционалните категории, сè поголемо присуство имаат услугите, едукацијата, туризмот и дигиталните производи“, изјави претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска Станков.
Од АЕТМ посочуваат дека Регистарот на е-трговци има важна улога во зголемување на довербата кај потрошувачите и намалување на ризикот од онлајн измами.
Граѓаните можат да проверат дали одреден продавач е регистриран правен субјект и дали користи официјален систем за онлајн плаќање преку банка. Ова е особено важно поради зголемениот број нерегистрирани продавачи кои најчесто функционираат преку социјалните мрежи.
Присуството во регистарот, пак, за трговците претставува дополнителен знак на доверливост и транспарентност пред купувачите.
Во базата се вклучени е-трговци со регистриран правен субјект во Северна Македонија, интегрирано онлајн плаќање преку една од петте банки и најмалку една реализирана трансакција во 2025 година.
Регистарот е јавно достапен и може да се пребарува според URL адреса, правен субјект и категорија на е-продавницата.
За последното ажурирање, АЕТМ користела и алатки базирани на вештачка интелигенција за автоматизирана проверка на активноста, достапноста и категоризацијата на е-продавниците.


