ИНФАНТИНО СЕКОЈДНЕВНО ЛЕТА СО ПРИВАТЕН АВИОН ОД ГРАД ВО ГРАД – ФИФА се соочува со еколошки критики
Од Мексико Сити до Ванкувер и Мајами, претседателот на ФИФА има посебен превоз за следење на натпреварите во живо.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, патува на натпреварите од Светското првенство во 2026 година со приватен авион, додека турнирот се одржува во САД, Канада и Мексико.
Поради огромните растојанија меѓу градовите домаќини, од Мексико Сити и Лос Анџелес, преку Њујорк и Мајами, па сè до Ванкувер, првиот човек на светската фудбалска организација ќе поминува илјадници километри за да следи дел од натпреварите во живо.
Според информациите, приватниот превоз бил обезбеден од „Катар ервејс“, партнер на ФИФА, што му овозможува на Инфантино секојдневно да се движи меѓу различни локации и да присуствува дури и на по два натпревари во еден ден.
Начинот на патување повторно ја отвори дебатата за влијанието на Светското првенство врз животната средина. Британскиот весник „Гардијан“ предупредува дека Мундијалот во 2026 година би можел да биде еден од најголемите спортски настани по емисија на штетни гасови.
Според проценките, турнирот ќе произведе околу девет милиони тони јаглерод диоксид и количина која е повеќе од четири пати поголема од просечните емисии на светските првенства одржани во периодот од 2010 до 2022 година.


