ГОЛЕМ СПЕКТАКЛ НА 20 ЈУНИ „Кармина Бурана“ под отворено небо со над 200 уметници
Балканска музичка елита на едно место – „Кармина Бурана“ како никогаш досега во Скопје.

Оркестарот на Филхармонијата на 20 јуни, со почеток во 21 часот, во Градскиот парк ќе ја изведе музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф. Настанот ќе биде свечена завршница на концертната сезона „Без Филтер“.
Во проектот, покрај оркестарот на Филхармонијата на РСМ, учествуваат и музичари од Софиската филхармонија, Државниот симфониски оркестар од Солун, хорот на МОБ, детскиот хор „Пиколо“ и хорот од Музичкото училиште од Солун. Диригент е маестро Најден Тодоров од Бугарија, иницијатор на проектот кој претходно бил реализиран во Софија и Солун, а сега ќе се одржи и во Скопје.
Како солисти ќе настапат сопранистката Ана Дурловски, тенорот Николас Спанос од Грција и Иво Јорданов од Бугарија.
Директорот на Филхармонијата на РСМ, Мустафа Имери, истакна дека станува збор за голем музички спектакл и значајна регионална соработка, која ја истакнува моќта на музиката да обединува без граници.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, нагласи дека културата има најголема вредност кога излегува од институциите и станува достапна за сите. Тој посочи дека концертот ќе биде бесплатен и подарок за граѓаните, со порака дека големата уметност треба да допре до што повеќе луѓе. Љутков додаде дека настанот има и симболично значење, како продолжение на идејата за Балканска филхармонија.
Директорот на Државната филхармонија од Солун, Симос Папанас, истакна дека проектот има за цел да гради мостови на соработка меѓу балканските земји и да покаже дека уметноста може да обединува, дури и во турбулентни времиња.
Сопранистката Ана Дурловски оцени дека проектот е пример за културна дипломатија и доказ дека музиката може да ги надмине границите и да создаде заедништво меѓу народите.
Концертмајсторот Владимир Костов нагласи дека музиката е универзален јазик кој ги руши бариерите и обединува луѓе од различни држави.
Настанот ќе се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам, „Стопанска банка“, „Титан Усје“, „Schweppes“, „Ladna“, Амбасадата на Р. Грција во Скопје и Град Скопје.


