СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ПО СРЕДБАТА СО ЈОТОВА Имаме различни ставови, но мора да зборуваме
Во Софија се разговарало за билатералните односи, евроинтеграциите и потребата од поголема соработка меѓу институциите и граѓаните на двете земји.

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова порача дека дијалогот за отворените прашања меѓу Македонија и Бугарија мора да продолжи, по средбата со бугарската потпретседателка Илијана Јотова на маргините на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија.
Во објава на социјалните мрежи, Силјановска-Давкова информираше дека во фокусот на разговорите биле билатералните односи и предизвиците поврзани со македонските евроинтеграции.
„Изразивме различни ставови за можните решенија за отпочнување на македонските пристапни преговори“, напиша претседателката.
Таа ја истакнала потребата од поинтензивна соработка и комуникација меѓу образовните, научните и културните институции, како и меѓу невладиниот сектор и граѓаните од двете земји, со цел надминување на предрасудите и градење меѓусебно разбирање.
Силјановска-Давкова ја нагласила и важноста од спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, посочувајќи дека тоа е обврска за сите земји-членки на Советот на Европа.
„Треба да продолжиме да разговараме за тешките прашања“, порача претседателката по средбата со Јотова.


