ДОБРА ВЕСТ ЗА ВОЗАЧИТЕ Границите проодни, сообраќајот умерен низ целата држава
АМСМ информира дека сообраќајот се одвива непречено, но апелира на зголемена внимателност поради можни одрони на неколку критични делници.

Сообраќајот на сите државни патишта во земјава се одвива непречено по суви коловози, информираат од АМСМ. Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата од македонска страна.
Од АМСМ апелираат до возачите да ја прилагодат брзината на движење кон условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и внимателно да управуваат со возилата, особено на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои можност од појава на одрони.
Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица останува отворен за сите возила до 3,5 тони, согласно сезонскиот режим на сообраќај кој е во сила од 15 април.
Во меѓувреме, на повеќе патни правци низ државата се изведуваат градежни активности и санации. Времен режим на сообраќај е воведен на делницата Гостивар – Стража поради санација на вијадуктите на Атанасова Река и Дол, како и на мостовите на реката Вардар кај Желино на автопатот А2.
Работи се изведуваат и на автопатот А1, на делницата Смоквица – Гевгелија, каде се гради премин за интерконективен гасовод, додека на скопската обиколница се врши рехабилитација на коловозот меѓу клучките Волково и Кондово, при што левата лента е затворена за сообраќај.
Продолжуваат и активностите за санација на свлечиштето на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост, а поради изградбата на Коридорот 10Д во сила е и времен режим на сообраќај на патниот правец Прилеп – Битола, со пренасочување на возилата преку регионалниот пат од клучка Лагово до Тополчани.


