ОД ИДНАТА ГОДИНА „Роаминг како дома“ со ЕУ, воведени и СМАРТ лиценци за побрзи услуги
Во базата на Министерството се регистрирани околу 340 илјади корисници, кои во иднина ќе бидат поврзани со повеќе институции.

На почетокот на следната година се очекува да започне примената на системот „Роаминг како дома“, што ќе им овозможи на македонските граѓани да ги користат мобилните услуги во земјите од Европската Унија без дополнителни трошоци за роаминг. Ова го најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, посочувајќи дека сите подготовки од македонска страна се завршени и дека се очекува потпишување на договорот со Европската комисија.
Паралелно со оваа иницијатива, Министерството за дигитална трансформација денеска го претстави и новиот систем на СМАРТ лиценци, кој предвидува целосна дигитализација на процесот за издавање и контрола на лиценците што ги издава државата.
Според Андоновски, новиот модел овозможува брза и едноставна проверка на валидноста на документите преку електронски барања, централен регистар, QR-код проверка и целосна дигитална трага.
„Граѓаните, инспекторите и компаниите ќе можат веднаш да проверат дали одредена лиценца е валидна или истечена. Со тоа се намалуваат административните процедури, а институциите добиваат пристап до единствен и транспарентен систем“, истакна министерот.
Тој нагласи дека досега не постоел механизам за ваква проверка, додека новиот систем овозможува пристап до „жив регистар“ преку едноставно скенирање на QR-кодот од лиценцата.
Во рамки на проектот е развиен и целосно дигитален асистент кој корисниците ги насочува директно до валидниот електронски документ. Во моментов системот функционира во Министерството за дигитална трансформација, а во тест-фаза е и во Министерството за економија, каде што се користи за издавање лиценци за дискотеки, кабареа и кафе-барови.
„Нашата цел е системот да се прошири и во другите институции, бидејќи неговата примена не треба да остане ограничена само на неколку области“, рече Андоновски.
Министерот информираше дека дел од потребните документи системот ги презема автоматски, додека останатите се прикачуваат во електронска форма. Во моментов базата опфаќа околу 340 илјади корисници, а планот е таа да се поврзе и со други институции.
Иако процесот на имплементација нема да се одвива истовремено во сите институции, Андоновски оцени дека системот е лесно прилагодлив и може да се користи за широк спектар на лиценци и дозволи, вклучително и во транспортот, логистиката, осигурувањето, хотелиерството, правосудството, животната средина, урбанизмот и градежништвото.


