ОД ТРКА ДО ПОЕЗИЈА Рациновите средби со програма што го освојува Велес

Богата културна и спортска програма ги исполнува деновите во чест на Кочо Рацин.

ОД ТРКА ДО ПОЕЗИЈА Рациновите средби со програма што го освојува Велес
Фото: Принтскрин

Богатата и повеќедневна програма на 63. Рацинови средби продолжува и во наредните денови со низа културни, спортски и хуманитарни настани во Велес.

Утре (7 јуни) во Ликовниот салон, од 9 до 15 часот, ќе се одржи акција за крводарување под мотото „Ти подарувам бесмртност“, во организација на Општинскиот Црвен крст Велес, во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје и Општина Велес.

Програмата започна на 31 мај со атлетската трка „Трчаме за Рацин“, со што беше означен почетокот на годинашното издание на манифестацијата.

Во понеделник (8 јуни), во дворот на Гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес, во 10 часот ќе се одржи поетско читање, по што ќе следува и засадување на млади дрвца како симболичен чин на одбележување.

Во рамките на програмата е предвиден и ултрамаратон на релација Велес – Лопушник. Ултрамаратонците од Велес ќе тргнат на 10 јуни, а на 13 јуни, на денот на погибјата на Кочо Рацин, претставници од Општина Велес и здружение од Кичево ќе го посетат спомен-обележјето на планината Лопушник и ќе ги пречекаат учесниците.

Меѓународниот поетски митинг ќе се одржи на 15 јуни, кога на свеченото отворање ќе настапат поети од Македонија и од странство. Во рамки на програмата се планирани и два концерта на 15 и 16 јуни.

Завршницата на Рациновите средби е на 15 и 16 јуни, кога ќе биде доделено Рациновото признание за 2026 година и Почесното Рациново признание. Оваа година добитник е полскиот лингвист и македонист проф. д-р хаб. Маќеј Кавка, кој признанието го добива за долгогодишниот, повеќедецениски придонес во афирмацијата на македонскиот јазик и за зајакнување на полско-македонските научни врски.

Одлуката ја донесе организацискиот одбор на 63. Рацинови средби, предводен од градоначалникот Марко Колев, заедно со проф. д-р Весна Чипишевска-Мојсова, проф. д-р Кристина Николовска, Менка Андреева и Снежана Бошевска.

Годинашното издание е поддржано од Министерството за култура и туризам со 612 илјади денари и од Општина Велес со 600 илјади денари, што вкупно изнесува 1 милион и 212 илјади денари.

CATEGORIES
Share This