УСВОЕНА РЕЗОЛУЦИЈА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНИЈА Што точно бара документот?
Фокус на заштита на македонското малцинство во Албанија и правата на малцинствата во ЕУ.

Генералното собрание на Европската слободна алијанса (ЕФА), одржано во Гандија, Шпанија, едногласно ја усвои резолуцијата предложена од Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), со која се повикува на заштита на македонското малцинство во Албанија и унапредување на правата на малцинствата во процесот на проширување на Европската Унија.
Во документот се нагласува потребата од доследен и принципиелен пристап од страна на албанските институции и институциите на ЕУ, со цел малцинските права не само формално да бидат признати, туку и целосно спроведени. Посебен акцент се става на почитување на самоидентификацијата, културната разновидност и еднаквите можности како темелни вредности на европскиот проект, особено во контекст на проширувањето.
МАЕИ бара од албанската Влада целосно спроведување на правата на Македонците во сите области каде што тие живеат, вклучително и обезбедување образование на македонски јазик каде што постои интерес. Се предлага и воведување механизми за праведно политичко претставување на малцинствата, вклучително и можност за загарантирано парламентарно учество, како и засилени економски и инфраструктурни инвестиции во тие региони.
Дополнително се бара зајакнување на независноста и ефикасноста на Комитетот за национални малцинства во Албанија, како и воспоставување ротирачко претседавање меѓу малцинските заедници. Се инсистира и на фер и меѓународно набљудувани процеси на самоидентификација, вклучително и пописи, како и ратификација на Европската повелба за регионални или малцински јазици.
Од институциите на Европската Унија се очекува внимателно следење на состојбата со малцинските права во рамки на процесот на пристапување на Албанија во ЕУ. Во резолуцијата се повикува Европската комисија да ја истражи состојбата со македонското малцинство и да обезбеди фер и принципиелни критериуми при проширувањето, без злоупотреба на условувања поврзани со идентитетски прашања.
Во документот се наведува дека македонското малцинство во Албанија се соочува со системски предизвици, особено во образованието, политичкото претставување и економскиот развој, што придонесува за депопулација и миграција. Се изразува и загриженост за надворешни политички влијанија и притисоци кои, според текстот, можат да го загрозат идентитетот на заедницата.
ЕФА ги осудува, како што се наведува, недоволната имплементација на стандардите за малцински права во Албанија, неправилностите во процесите на попис и самоидентификација, како и случаи на издавање документи за потекло кои се користат за добивање државјанства. Се критикува и надворешно политичко влијание поврзано со идентитетските прашања и злоупотреба на процесот на европска интеграција.
Од МАЕИ оценуваат дека учеството на Генералното собрание на ЕФА претставува значајна можност за меѓународна афирмација на прашањата поврзани со македонското малцинство во Албанија.
МАЕИ стана полноправна членка на ЕФА во 2024 година. Европската слободна алијанса е европска политичка партија која ги обединува регионалните, автономните и малцинските партии во Европа и има застапеност во Европскиот парламент.


