ФИЛИПЧЕ НА КОНГРЕСОТ Политиката мора да се мери по животниот стандард, не по говорите

Филипче повикува на враќање кон основните вредности на социјалдемократијата.

ФИЛИПЧЕ НА КОНГРЕСОТ Политиката мора да се мери по животниот стандард, не по говорите
Фото: Национал

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на отворањето на 32. програмски конгрес на партијата истакна дека собирот не претставува само формално усвојување на нова идеолошка платформа, туку и суштинско преиспитување на политичката насока и улога на СДСМ, со цел враќање кон основните вредности на социјалдемократијата.

Тој нагласи дека партијата треба повторно да се врати на принципите „правда наместо привилегии, солидарност наместо страв, фер оданочување наместо оптоварување на трудот, силни институции наместо партиска држава и европска иднина наместо националистички поделби“.

Филипче го поврза конгресот со актуелните европски процеси и Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, посочувајќи дека проширувањето повторно добива значење, но и дека за Македонија останува клучен условот за уставни измени за продолжување на евроинтеграциите.

Во своето обраќање тој порача дека СДСМ треба да се позиционира како политичка сила која се спротивставува на национализмот, популизмот, авторитарноста и корупцијата, и да се врати кон заштитата на социјалната правда, трудот и институциите.

„Денес не сме тука само за да усвоиме документ, туку да одлучиме каква партија сака да биде СДСМ – совест на државата, глас на работниците и заштитник на граѓаните“, истакна Филипче.

Тој додаде дека партијата треба отворено да се соочи со сопствената историја, да ги признае грешките и да ја обнови довербата кај граѓаните без политичка патетика.

Според него, социјалдемократијата е идеја што ја става државата во функција на граѓаните, особено на послабите, и нејзината вредност се мери преку животниот стандард, здравството, образованието и перспективите на младите.

„Вистинската социјалдемократија не се мери по говорите, туку по платите, квалитетот на училиштата, здравството и достоинството на граѓаните“, порача Филипче.

Тој додава дека државата мора да обезбеди еднакви шанси и социјална правда за сите.

CATEGORIES
Share This