ЗАВРШЕНА ОБНОВАТА НА СПОМЕН КУЌАТА НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО БИТОЛА Историски експонати и уметнички дела

Куќата, која некогаш била сопственост на Михаил Ракиџиев, член на Окружниот комитет на Битолскиот револуционерен округ, е целосно обновена и реконструирана.

ЗАВРШЕНА ОБНОВАТА НА СПОМЕН КУЌАТА НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО БИТОЛА Историски експонати и уметнички дела

Во Битола вечерва беше отворена Спомен куќата во која македонскиот револуционер, Гоце Делчев, престојувал во 1901 година. Куќата, која некогаш била сопственост на Михаил Ракиџиев, член на Окружниот комитет на Битолскиот револуционерен округ, е целосно обновена и реконструирана.

Спомен куќата, која сега функционира како музеј посветен на Делчев, се состои од три простории, во кои посетителите можат да разгледаат оригинални документи, текстови и артефакти од периодот пред востанието. Во една од просториите е поставена восочна фигура на Гоце Делчев покрај работната маса. Понатаму, на изложба е и уметничка слика со портрет на Делчев, создадена од битолскиот уметник Борислав Траиковски, која беше подарок од семејството Главинче.

Музејот е обновен со нова, модерна поставка која ја подобрува естетиката и визуелниот изглед на просториите, нудејќи им на посетителите една потопла и поинтерактивна атмосфера. Од утре, музејот ќе биде отворен за ученици и посетители.

Првично отворена на 4 мај 1988 година, Спомен куќата на Гоце Делчев одново ќе привлече внимание како туристичка атракција, благодарение на новите експонати, меѓу кои и револверот на Делчев, подарен на семејството Ракиџиев, како и Споменицата на Михаил Ракиџиев од 1903 година.

Реконструкцијата на куќата беше извршена од тимот на НУ Завод и Музеј-Битола, предводен од кустос м-р Филип Талевски. Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, изрази благодарност за ангажманот на тимот. Промотивната вечер беше заокружена со уметничка програма во изведба на членовите на КУД „Гоце Делчев“ од Битола.

CATEGORIES
Share This