НЕМА СКРАТЕНИ ПАТИШТА Словачка испрати силна порака до Брисел и Скопје

Словачка ја поддржува европската перспектива, но бара строго почитување на правилата.

НЕМА СКРАТЕНИ ПАТИШТА Словачка испрати силна порака до Брисел и Скопје
Фото: Принтскрин

Словачка ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија, но проширувањето на Европската Унија мора да се одвива фер, предвидливо и според истите правила за сите кандидати, порача словачкиот претседател Петер Пелегрини на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Братислава.

Тој истакна дека земјите кандидати треба да ги исполнат договорените критериуми, но и ЕУ да обезбеди јасен сигнал дека реформите ќе бидат проследени со конкретен напредок. Според него, тоа е клучно за довербата кај граѓаните во регионот.

Пелегрини нагласи дека Словачка се залага за доследна примена на правилата и за еднаков третман на сите кандидати, без скратени патишта или непотребни пречки. Тој посочи дека добрососедските односи, дијалогот и почитувањето на договорите се основа за европската интеграција, како и дека членките на ЕУ треба да ги почитуваат заедничките одлуки.

Тој додаде дека Словачка и Северна Македонија се сојузници во НАТО и дека во актуелниот безбедносен контекст е важно Алијансата да остане заснована на доверба и заеднички вредности. Според него, стабилен и европски ориентиран Западен Балкан е од стратешки интерес за цела Европа и не смее да стане простор за геополитички влијанија и натпревар.

Македонската претседателка истакна дека европскиот пат на земјата е долг процес со бројни предизвици, кои често имаат билатерален и идентитетски карактер, што според неа не е во духот на ЕУ. Таа го поздрави ставот на Словачка дека идентитетските и културните прашања не треба да бидат предмет на политички условувања.

Сиљановска-Давкова порача дека Северна Македонија очекува да биде оценувана според Копенхашките критериуми и да се фокусира на реформи и владеење на правото, без дополнителни билатерални блокади. Таа интеграцијата на Западен Балкан ја оцени како безбедносно и стратешко прашање за Европа.

Двајцата претседатели се согласија дека односите меѓу двете држави се пријателски и стабилни, и изразија подготвеност за нивно понатамошно унапредување преку политички дијалог и соработка во повеќе области.

CATEGORIES
Share This