МУЦУНСКИ: БУГАРИЈА НЕ БАРА САМО УСТАВНИ ИЗМЕНИ – Нема да разговараме за идентитетот по никаква цена
Министерот порача дека Македонија бара цврсти гаранции дека нема да има нови бугарски условувања поврзани со јазикот, историјата и идентитетот.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, порача дека Владата останува на ставот дека европската интеграција на земјата мора да биде проследена со јасни гаранции дека од бугарска страна нема да следуваат нови барања поврзани со историјата, јазикот, културата и идентитетот на македонскиот народ.
Говорејќи во телевизиска емисија, Муцунски нагласи дека Македонија инсистира и на почитување на пресудите на Европски суд за човекови права кои се однесуваат на правата на македонското малцинство во Бугарија.
Тој најави дека овие прашања ќе бидат дел од разговорите со претседателот на Европски совет, Антонио Кошта, кој ја започна својата турнеја низ Западен Балкан во пресрет на регионалниот самит во Тиват.
Според Муцунски, во моментов се разгледуваат различни идеи за надминување на спорот, но без нивно јавно презентирање, со цел да не се намали нивната ефикасност.
„Свесни сме дека мора да се најде решение. Разликата е што ние достоинството го ставаме пред решението“, изјави министерот.
Тој потенцираше дека Македонија очекува институционални гаранции дека бугарските условувања ќе завршат со актуелниот спор и дека нема да се појавуваат нови билатерални пречки на патот кон членство во Европската Унија.
Осврнувајќи се на односите со Софија, Муцунски оцени дека постојат области во кои може да се постигне напредок, особено во делот на инфраструктурното поврзување преку Коридор VIII и отворањето на граничниот премин „Клепало“.
Сепак, тој изрази резервираност поради односот на актуелната бугарска влада кон Македонија.
„Јасно е дека за Бугарија прашањето не се сведува само на уставните измени. Постојат и други теми кои тие ги сметаат за дел од евроинтегративниот процес, а за кои ние не гледаме потреба да се отвораат во денешно време“, истакна Муцунски.
Тој нагласи дека Владата нема намера да разговара за прашања што се однесуваат на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја.
„Немаме подготвеност по никаква цена да дискутираме за било кое прашање поврзано со идентитетот, јазикот, културата и историјата“, порача министерот.
Според него, блокирањето на евроинтегративниот процес не е проблем само за Македонија, туку и за целиот регион и за самата Европска Унија, која ризикува да го загуби својот кредибилитет дозволувајќи билатерални спорови да го попречуваат процесот на проширување.
Муцунски повтори дека државата останува посветена на изнаоѓање решение, но не и на прифаќање нови национални отстапки без цврсти гаранции за конечен исход.
„Потребно е решение кое ќе обезбеди и предвидливост и одржливост. Треба да знаеме дека сите отворени прашања се затворени и дека и европските институции и Бугарија цврсто стојат зад тоа, за конечно да се фокусираме на суштинските реформи и европската агенда“, заклучи Муцунски.
