ПОЧНУВА ГОЛЕМАТА МАНИФЕСТАЦИЈА ВО ЧАИР 30 дена култура, музика и традиција
Настани во Старата чаршија, Плоштад „Скендербег“ и дворот на Мурат Паша.

Општина Чаир денеска го започнува новото издание на традиционалната манифестација „Културно лето Чаир 2026“, која ќе трае еден месец и ќе понуди богата програма посветена на културата, уметноста и традицијата.
Свеченото отворање ќе биде означено со тридневната програма „Денови на децата“, што ќе се одржува од 1 до 3 јуни на повеќе локации во Стара скопска чаршија, на Плоштад Скендербег и во дворот на Џамија Мурат Паша.
Програмата започнува на 1 јуни во 17:00 часот со свечена парада на ученици од основните училишта во Општина Чаир, облечени во традиционални носии и со транспаренти на своите училишта. Колоната ќе се движи од „Зегин“, низ Старата скопска чаршија, до Плоштадот „Скендербег“, каде потоа ќе следува културно-уметничка програма.
Во текот на следните денови се предвидени бројни настапи на ученици, културно-уметнички друштва и детски групи, со изведби на песни, ора, рецитации, драматизации, како и изложби на детски ликовни творби.
