ПРИЛЕП И БИТОЛА ПОВТОРНО ПОВРЗАНИ СО ВОЗ Еве ги деталите
Министерството најави старт на линијата кон крајот на јуни или почетокот на јули.

Меѓуградскиот железнички сообраќај на релацијата Прилеп – Битола се очекува да започне кон крајот на јуни или почетокот на јули, додека наскоро би требало да стартува и карго превозот со воз кон овие градови. Ова го најави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, при посетата на Општина Могила.
Тој истакна дека со ова железницата повторно ќе добие поголемо значење, како во патничкиот, така и во товарниот сообраќај. Според него, воведувањето на линијата доаѓа во период на изградба на автопатот Прилеп – Битола, кога се користи алтернативната патна инфраструктура.
Николоски посочи дека се работи на подготовка на железничката инфраструктура, вклучително и уредување на патните премини, како и обезбедување соодветна динамика на возење. Новата линија, како што најави, ќе биде прилагодена на потребите на граѓаните, со повеќе термини во текот на денот.
Цената на билетот, според најавите, ќе изнесува околу 150 денари, со цел услугата да биде што подостапна за патниците.
Покрај патничкиот сообраќај, се очекува скоро започнување и на карго транспорт со воз кон Прилеп и Битола. Веќе постои интерес од компании за користење на железницата, што би придонело за намалување на загадувањето, заштита на патната инфраструктура и подобрување на логистичките трошоци.
Институциите, како што нагласи министерот, работат на создавање услови за нормално функционирање и на патничкиот и на товарниот железнички сообраќај во регионот.
