ЕРДОГАН СО ЦВРСТА ПОДРШКА Туркије ќе остане со кипарските Турци до крај
Кипар е поделен од 1974 година, кога по воен удар на кипарските Грци, Турција воено интервенираше, по што островот беше поделен на меѓународно признатиот јужен дел, контролирана од Република Кипар, и северниот дел, каде што е воспоставена ТРСК, призната единствено од Турција

Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, денеска ја потврди континуираната и цврста поддршка на Туркије за кипарските Турци, истакнувајќи дека нивната „суверена еднаквост и меѓународен статус како рамноправни партнери на островот“ ќе бидат признаени.
Во изјава дадена по еднодневната посета на северниот дел на Кипар, Ердоган рече дека Анкара во целост ја поддржува визијата на претседателот на Турската Република Северен Кипар (ТРСК), Ерсин Татар, за решавање на кипарското прашање преку модел на две држави.
„Ќе продолжиме да ја поддржуваме визијата на претседателот Татар. Нашата поддршка е постојана и ќе останеме посветени на исполнување на сите обврски поврзани со Кипар“, изјави Ердоган.
Кипар е поделен од 1974 година, кога по воен удар на кипарските Грци, Туркије воено интервенираше, по што островот беше поделен на меѓународно признатиот јужен дел, контролирана од Република Кипар, и северниот дел, каде што е воспоставена ТРСК, призната единствено од Туркије. Денес, Република Кипар контролира 58% од островот, 37% се под управа на кипарските Турци, 2,6% е под мандат на ОН, а 2,7% е под британска контрола, каде се наоѓаат базите Акротири и Декелија.
Ердоган во обраќањето се осврна и на нападот од израелско беспилотно летало врз брод со хуманитарна помош на пат кон Појасот Газа, додека се наоѓал во водите на Малта. Тој остро го осуди инцидентот, нарекувајќи го „бандитизам и пиратерија“.
„Цел свет знае дека бродовите превезуваа хуманитарна помош и постапуваа според меѓународното поморско право. Овој напад е флагрантно прекршување на меѓународното право“, рече турскиот претседател.
Тој повика на итно запирање на, како што рече, глобалната „спирала на тишина“ околу израелските дејствија.
„Светот е поголем од Израел и мора да покаже дека е достоен за таа големина. Овој пожар што се обидува да се прошири мора да биде изгаснат“, додаде тој.
Во врска со наводните израелски напади во Сирија, Ердоган оцени дека Израел се противи на стабилизација во регионот.
„Израел е вознемирен од крајот на граѓанската војна во Сирија и од правото на сирискиот народ сам да ја одредува својата иднина. Се обидува да испровоцира групи со цел да создаде нов конфликт“, нагласи тој.
Претседателот Ердоган истакна дека Туркије нема да дозволи Сирија повторно да западне во воен судир и повика на создавање „нова Сирија заснована на единство и територијален интегритет“.


