ОТВОРЕН КОНКУРС ШТО ГИ ИЗНЕНАДИ СИТЕ Се бара истражувач за потеклото на семејството на Путин
Проектот опфаќа период од постреформска Русија (1861–1917)

Рускиот државен хуманитарен универзитет (РГГУ) објавил конкурс за истражувачки соработник кој ќе работи на проучување на потеклото на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.
Според порталот „Медуза“, огласот бил објавен на 23 април во единствениот систем за конкурси за пополнување работни места за научни истражувачи, а исти информации се појавиле и на веб-страницата на универзитетот.
Од избраниот кандидат се очекува да спроведе истражување на тема „Колективна биографија на членовите на семејството Путин во постреформска Русија (1861-1917): премин од земјоделство кон мало урбано претприемништво“.
Понудената месечна плата изнесува околу 82.000 рубли, односно приближно 840 евра, без дополнителни надоместоци или бенефиции. Рокот за пријавување на конкурсот е до 10 јуни.
Како што наведуваат истражувачи, предците на Путин потекнувале од селска средина, а архивските податоци за нивниот живот се ограничени. Историчарот Михаил Гершон неодамна објави дека дедото на претседателот по таткова линија, Спиридон Иванович, бил крстен во 1879 година во селото Дудино во близина на Твер.
