ДРАМАТИЧНО НА УЛИЦА СРЕДЕ БЕЛ ДЕН Сопруга и малолетна ќерка нападнати од таткото

Полицијата реагирала по пријава од очевидец, а насилникот бил приведен истиот ден.

ДРАМАТИЧНО НА УЛИЦА СРЕДЕ БЕЛ ДЕН Сопруга и малолетна ќерка нападнати од таткото
Фото: Социјални мрежи

По информациите објавени на социјалните мрежи за случај на семејно насилство, полицијата веднаш презела мерки за пронаоѓање на сторителот и заштита на жртвите.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 29 мај 2026 година околу 11:40 часот во СВР Скопје очевидец пријавил дека на подрачјето на Центар, маж физички ја нападнал својата сопруга. По пријавата, полициските службеници веднаш започнале активности за негово пронаоѓање и утврдување на околностите на случајот.

Со проверките било утврдено дека лицата се од Велес, по што во акцијата се вклучиле и полициски службеници од СВР Велес.

Подоцна истиот ден, откако 48-годишниот Џ.Б. од Велес се вратил во својот дом заедно со 43-годишната сопруга, повторно извршил физички напад врз неа и врз нивната малолетна ќерка. Според полицијата, тој им се заканувал и со остар предмет.

Благодарение на брзата и координирана реакција на полицијата од Скопје и Велес, осомничениот бил лишен од слобода околу 21:00 часот. Остриот предмет бил пронајден и одземен, а лицето е задржано во полициска станица.

За случајот се известени надлежен јавен обвинител и Центарот за социјални работи во Велес. По целосно документирање на настанот, против осомничениот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Од МВР апелираат до граѓаните секој случај на семејно насилство веднаш да го пријават во полиција или до надлежните институции, со цел навремена реакција и заштита на жртвите.

CATEGORIES
TAGS
Share This