АГЕНЦИЈАТА ПОДЕЛИ 93 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА ФИЛМОВИ Еве кој доби најмногу

Нов модел на презентација за првпат воведен на конкурсот, а поддршка добија домашни и меѓународни копродукции со звучни режисерски имиња.

АГЕНЦИЈАТА ПОДЕЛИ 93 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА ФИЛМОВИ Еве кој доби најмногу
Фото: Принтскрин

Агенцијата за филм ги објави резултатите од Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност за 2026 година, за кои се обезбедени 93 милиони денари. Годинава за првпат беше воведен нов модел на презентација на долгометражните филмски проекти, овозможувајќи им на апликантите директно да ги претстават своите идеи пред стручната комисија, со цел зголемена транспарентност и поквалитетен процес на селекција.

Меѓу поддржаните проекти се најде „Кралот на ѓубрето“ на Георги М. Унковски, режисер познат по „DJ Ahmet“, „Налепница“ и анимираната серија „Буквождер“. Станува збор за музички филм во продукција на „Синема Футура“, реализиран како копродукција со Бугарија, Чешка и Хрватска.

Поддршка доби и „Никој не го сака Садик“ на Ибрахим Деари, авторот на успешниот филм „Сите го викаат Реџо“, кој минатата година беше меѓу најгледаните филмови од албански автор. Филмот е во продукција на „Лумиере Филм“.

Меѓу избраните долгометражни играни филмови е и „Татко“ во режија на Јани Бојаџи.

Во категоријата долгометражен документарен филм, поддршка доби „Вител на изумирањето“ на Љубомир Стефанов, режисерот на светски познатиот документарец „Медена земја“.

Поддржан е и документарниот филм „Слушни ме!“ на Радован Петровиќ – биографска музичка приказна за Марко Маринковиќ – Слаткаристика, која ја отвора темата за лицата со говорни и комуникациски потешкотии и нивната интеграција во општеството.

Во рамки на конкурсот се поддржани и повеќе меѓународни копродукции со партнери од Хрватска, Словенија, Албанија, Бугарија, Грција, Косово, Чешка, Романија и Велика Британија.

Меѓу документарните копродукции се издвојува „Голема во Гази Баба“, приказна за 14-годишната борачка Садије, која се спротивставува на традиционалните родови и етнички бариери во својата албанско-муслиманска заедница. Проектот бил развиван во рамки на Cannes Docs.

Поддршка доби и „Езерото“, документарен филм посветен на Преспанското Езеро, реализиран како копродукција со Албанија и Грција.

Меѓу избраните проекти е и „Виењето на волците“ на Тамара Котевска, режисерката на двојно оскаровски номинираниот документарец „Медена земја“, како и „Приказната за Силјан“.

Поддржан е и „Плејтопија“, интернационален документарен проект во кој осум деца, во студио налик на реално шоу, создаваат сопствен свет од почеток. Проектот е копродукција меѓу „Минимал Колектив“ од Македонија, „Синепоинт“ од Чешка и „SC de Film Production“ од Романија.

Меѓу интересните копродукциски проекти е и „Крај на гравитацијата“, реализиран со Словенија, кој ја следи визијата на словенечкиот режисер Драган Живадинов и уметницата Дуња Зупанчиќ за пренесување на театарската уметност во вселената.

Конкурсот останува отворен во текот на целата година, а вториот рок за пријавување е до 3 август 2026 година. Од Агенцијата за филм ги повикаа сите филмски автори и продуценти да ги пријават своите проекти и да придонесат за развојот на македонската кинематографија.

CATEGORIES
Share This