ОД ТРАНЗИТНА ЗОНА ДО МЕГА ДЕСТИНАЦИЈА Гевгелија доби шопинг центар каков што нема во регионот
Најголемиот ритејл комплекс во регионот официјално отворен во Гевгелија – над 10.000 посетители во првите 24 часа

Во присуство на државниот врв, претставници од локалната самоуправа, бизнис-секторот и голем број гости, денес свечено беше отворен МЕГА Шопинг Парк во Гевгелија. Со површина од над 20.000 квадратни метри и повеќе од 50 домашни и меѓународни брендови, комплексот се позиционира како најголем ритејл парк од ваков тип на Балканот.
Генералниот директор на МЕГА Шопинг Парк, Сотирис Јанакудакис, на отворањето истакна дека станува збор за проект кој поставува нови стандарди во трговијата и искуството на купување.
„Ова е реализација на голема визија. Создадовме простор кој го обединува концептот ‘Total Experience’ и нуди сè на едно место. Нашата цел е Гевгелија да прерасне во регионална и европска дестинација“, изјави Јанакудакис.
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, нагласи дека инвестицијата од над 30 милиони евра претставува најголем економски проект во последните години во општината.
„Проектот ќе отвори над 400 нови работни места и ќе ја зајакне туристичката понуда на регионот. Гевгелија станува важна точка на шопинг туризмот“, рече Сарамандов.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека новиот комплекс претставува значаен придонес за националната економија.
„Ова е објект кој додава вредност на економијата и ја прави Гевгелија уште поважна на картата на транзитен и туристички сообраќај“, изјави премиерот.
Комплексот е организиран во неколку зони: Fashion зона од 12.000 м², Home Decor и DIY зона од 5.000 м², најголемата боулинг и gaming аркада во регионот од 2.500 м², како и Gourmet Avenue. Дополнително, дел од концептот е и Smart & Eco зоната со 12 брзи полначи за електрични возила.
Во првите 24 часа, МЕГА Шопинг Парк го посетија над 10.000 посетители од земјата и регионот.
Свеченото отворање беше проследено со музички настапи на Тамара Тодевска и Иви Адаму, а програмата продолжува и во текот на викендот со концерти, попусти и активности за посетителите.
Меѓу најавените изведувачи се Кирил Џајковски, Никифор, Северина, Жаре Бербер, Пајак, Зијан и Слаткаристика.
Со ваквиот старт, МЕГА Шопинг Парк се позиционира како нова регионална дестинација за шопинг, забава и настани, со амбиција да стане централна точка за посетители од целиот регион.
