ГРУЕВСКИ СО НОВ ШТИТ ВО УНГАРИЈА – Државјанство што ја менува играта
VSquare открива дека екстрадицијата станува речиси невозможна, додека Будимпешта го затвора случајот.

Унгарија и натаму се смета за безбедно засолниште за поранешниот македонски премиер Никола Груевски. Според истражувачкиот портал „VSquare“, кој се повикува на извори од унгарската влада, Груевски кој живее во Будимпешта од 2018 година, во 2022 година добил унгарско државјанство врз основа на „државен интерес“.
Дополнителни владини извори наведуваат дека постојат индиции дека тој и понатаму престојува во Унгарија, што ја прави неговата евентуална екстрадиција во Северна Македонија речиси невозможна, пишува „Дојче Веле“.
Во меѓувреме, унгарскиот премиер Петер Маѓар најави дека земјата повеќе нема да служи како засолниште за лица со меѓународни обвиненија. По таа изјава, двајца познати политички бегалци ја напуштија Унгарија, поранешниот полски министер за правда Збигњев Зјобро и неговиот заменик Марчин Романовски, кои беа поврзани со различни истраги и судски постапки во Полска.
Според „VSquare“, позицијата на Груевски е значително посилна во однос на другите случаи, бидејќи поседува унгарско државјанство. За разлика од политичкиот азил, одземањето државјанство е сложена правна процедура и може да се спроведе само ако се докаже дека е стекнато со измама или корупција.
Во случајот со Груевски, тоа би значело истрага која потенцијално би требало да опфати и високи унгарски функционери, што дополнително ја усложнува постапката.
Груевски ја напушти Северна Македонија во ноември 2018 година, непосредно пред да започне со издржување двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“, поврзан со набавка на луксузно оклопно возило „мерцедес“ вредно околу 600.000 евра.
Според тогашните информации, тој патувал преку Албанија, Црна Гора и Србија, а бегството наводно било реализирано со помош на унгарско дипломатско возило и поддршка од унгарски безбедносни структури. Веднаш потоа, унгарската влада му одобри политички азил.
Во последниот период повторно се актуелизира прашањето за негово враќање во земјата. Премиерот Христијан Мицкоски во април изјави дека не очекува Груевски да се врати, но нагласи дека доколку тоа се случи, ќе одговара пред правосудството.
Од опозицискиот СДСМ побараа информации дали се испратени документи за екстрадиција до унгарските власти, обвинувајќи дека власта не презема доволно активности. Тие исто така тврдат дека премиерот се плаши од политичките последици кои би можело да ги предизвика евентуалното враќање на Груевски.
