СТАРТУВА ДРЖАВНАТА МАТУРА Сè што мора да знаат матурантите пред испитите
Над 14.500 ученици годинава полагаат државна, стручна или уметничка матура.

Идната сабота започнува полагањето на екстерните испити од државната матура за повеќе од 14.500 ученици кои го завршуваат средното образование во учебната 2025/2026 година.
Според измените на Законот за средното образование, годинава матурантите полагаат три вида матура: државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура. За секој испит се изработени посебни испитни програми врз основа на наставните содржини што учениците ги следеле во текот на четиригодишното образование.
Од вкупно 14.587 пријавени ученици, 12.184 ќе полагаат државна матура, 2.276 државна стручна матура, а 127 државна уметничка матура. Гимназијалците се 5.713 и сите полагаат државна матура, додека дел од учениците од стручните и уметничките училишта избираат помеѓу различните типови матура.
Од Државниот испитен центар (ДИЦ) посочуваат дека подготовките се одвиваат според утврдената динамика, а за училиштата без соодветни услови испитите ќе се организираат во факултетски амфитеатри. Користењето мобилни телефони и електронски уреди е строго забрането.
На 6 јуни од 9 часот се полага изборниот екстерен предмет. Учениците кои полагаат државна матура избираат меѓу странски јазик или математика, додека кај стручната матура изборот е англиски јазик или математика, а кај уметничката англиски јазик или историја.
Најмногу пријавени има за англиски јазик 13.208 кандидати, додека за математика 1.173, а за историја 38. Француски јазик ќе полагаат 20 ученици, германски 52, руски 7, а италијански 2.
Задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик (македонски, албански, турски или српски) ќе се полага на 11 и 12 јуни, зависно од типот на матурата. Македонски јазик ќе полагаат 9.810 ученици, албански 4.199, турски 360, а српски 5 ученици.
Од ДИЦ информираат дека ќе бидат ангажирани околу 2.500 тестатори и околу 200 набљудувачи. Покрај екстерните предмети, учениците полагаат и втор и трет изборен предмет интерно, согласно Концепцијата за испитите на крајот од средното образование.
