ФИНАНСИСКИ ДВИЖЕЊА Еве што покажуваат најновите бројки за каматите
Народната банка објави најнови податоци за движењето на каматните стапки во април 2026 година.

Просечната каматна стапка на вкупните кредити во април изнесувала 4,70 проценти и останала непроменета на месечно ниво, додека кај депозитите е забележано благо намалување, покажуваат најновите податоци на Народната банка.
Според податоците за април 2026 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесувала 4,70 проценти, без промена во однос на претходниот месец, но со пад од 0,41 процентен поен на годишно ниво. Од друга страна, просечната каматна стапка на вкупните депозити се свела на 2,16 проценти, што претставува благо месечно и годишно намалување.
Кај новоодобрените кредити е забележан раст и просечната каматна стапка во април достигнала 4,57 проценти, што е зголемување од 0,16 процентни поени на месечно и 0,70 процентни поени на годишно ниво. Кај новопримените депозити, каматната стапка се искачила на 2,43 проценти.
Анализата по сектори покажува дека кај корпоративниот сектор просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесувала 4,35 проценти, додека кај новоодобрените кредити достигнала 4,50 проценти. Во истиот сектор, каматната стапка на новопримените депозити се зголемила на 2,74 проценти.
Кај домаќинствата, просечната каматна стапка на вкупните кредити се намалила на 5,06 проценти, а кај новоодобрените кредити на 4,65 проценти. Просечната каматна стапка на вкупните депозити кај домаќинствата изнесувала 2,10 проценти.
