НА ЗАДУШНИЦА НЕ СЕ ЗАБОРАВА Во сабота марш за 63-те ангели
Маршот ќе започне во 19:05 часот од спортското игралиште во село Ратавица, во Пробиштипско.

Родителите на трагично загинатите деца во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ упатија повик до граѓаните да им се придружат на 44-тиот „Марш на ангелите“, кој ќе се одржи во сабота, на денот на Задушница.
Маршот ќе започне во 19:05 часот од спортското игралиште во селото Ратавица, во Пробиштипско, а е организиран од Здружението „16-ти Март“.
„Со тишина, молитва и непреболена болка ќе чекориме за нашите Ангели – за младите животи што прерано згаснаа, но засекогаш остануваат во нашите срца“, се наведува во повикот.
Од здружението порачуваат дека на Задушница не се забораваат најмилите и се палат свеќи, се изговараат нивните имиња и се чува споменот на оние што физички не се меѓу нас, но духовно остануваат присутни.
Маршот е посветен на 63-те жртви, на повредените и на, како што велат, истрајната борба за правда.
„Не бараме пресуда на улица. Бараме правда во судница“, порачуваат организаторите.
