ФИЛИПЧЕ БАРАШЕ РЕФЕРЕНДУМ Влада со „НЕ“ на предлогот

Владата смета дека иницијативата е непотребна и би трошела време и пари.

ФИЛИПЧЕ БАРАШЕ РЕФЕРЕНДУМ Влада со „НЕ“ на предлогот
Фото: Национал

Владата го отфрли предлогот на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за организирање референдум за европската иднина на државата, оценувајќи дека нема потреба од трошење време и средства за таква иницијатива.

Од таму порачаа дека членството во Европската Унија останува јасна стратешка цел на државата и нагласија дека тоа се потврдува преку конкретни чекори и политики што веќе се спроведуваат. Како примери ги наведоа укинувањето на оценската мисија од Советот на ЕУ и отворањето на фондовите од Реформската агенда за Македонија.

Во реакцијата, Владата се осврна и на референдумот од 2019 година, оценувајќи дека тогашниот процес организиран од СДСМ бил без гаранции за европската перспектива на државата. Оттаму обвинија дека опозициската партија и понатаму покажува попустливост во прашањата поврзани со македонскиот идентитет.

Претходно во текот на денот, Филипче ја повика власта да распише референдум на кој граѓаните би се изјасниле за иднината на земјата и за европскиот интегративен процес. Според него, одлуките за иднината на државата не треба да ги носи една политичка гарнитура, туку граѓаните директно.

Тој истакна дека граѓаните и нивните семејства ги чувствуваат последиците од владините политики и затоа, како што рече, треба да имаат право самите да одлучат за европскиот пат на државата.

CATEGORIES
Share This