НОВИ ПРАВИЛА ЗА СУБВЕНЦИИ Државата дели милиони евра, кој ќе ги добие парите?
Максимум до 1 милион евра по поединечен инвеститор, продолжен рок за аплицирање до 15 јуни за инвестициска поддршка

Државата ги продолжи роковите за аплицирање за финансиска поддршка на инвестиции со цел на компаниите да им се овозможи повеќе време за подготовка на документацијата и изработка на поквалитетни проекти. Новиот рок за аплицирање е до 15 јуни, додека јавниот повик за микро, мали и средни претпријатија, како и за занаетчии, останува активен до 30 јуни и е насочен пред сè кон набавка на нова опрема и машини.
Од Министерството за економија и труд нагласуваат дека мерките имаат за цел да ја зајакнат инвестициската активност, да поттикнат модернизација на производството и да придонесат за поодржлив економски раст. Со измените во Законот за финансиска поддршка на инвестициите се воведува пофокусирана рамка за доделување државна помош, насочена кон проекти што создаваат реална додадена вредност, нови технологии и долгорочни работни места.
Вкупната предвидена поддршка изнесува околу 20 милиони евра, а висината на помошта зависи од големината и типот на инвестицијата. Максималниот износ по инвеститор може да достигне до 1 милион евра. Компаниите, пак, треба да бидат профитабилни и да ги задржат постојните вработувања, додека за нови работни места се предвидува поддршка од околу 20% од нето платата, односно околу 4.400 евра годишно по ново работно место.
Дополнително, државата предвидува до 50% поврат на оправдани инвестициони трошоци, како и по 10% поддршка за набавка на машини, опрема и земјиште, со цел зголемување на конкурентноста и проширување на производствените капацитети.
Новите правила ја стеснуваат и целната група на корисници и поддршката главно се однесува на производствени компании со почетна инвестиција од најмалку 100.000 евра, додека од мерките се исклучуваат примарното земјоделство, шумарството, рибарството и градежни активности поврзани со станбена и деловна изградба.
Посебен акцент се става и на инвестициите од дијаспората. За компании основани од иселеници кои најмалку пет години живеат во странство, е предвидена поддршка од 15% до 50% од вредноста на инвестицијата, со повисоки проценти за рурални средини. Моделот функционира по принцип на рефундација и инвеститорите најпрво ја реализираат инвестицијата, по што државата враќа дел од вложените средства.
Според надлежните и претставници од стопанството, овие мерки треба да поттикнат поголеми и поквалитетни инвестиции, развој на индустриското производство, зголемена извозна ориентација и создавање одржливи работни места, што долгорочно би придонело за посилен економски раст.
