ВАЖНА ВЕСТ ЗА РОДИТЕЛИТЕ И УЧЕНИЦИТЕ Се воведуваат електронски свидетелства низ цела држава
Наставниците годинава ќе издаваат и печатени и електронски свидетелства, а системот целосно ќе се воведе до 2028 година.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, потврди дека од оваа учебна година учениците од прво до трето одделение ќе добиваат електронски свидетелства. Бидејќи системот се воведува за првпат, покрај дигиталната верзија ќе се издаваат и печатени свидетелства за полесна адаптација на наставниците и училиштата.
Јаневска истакна дека новиот начин на издавање ќе ја олесни административната работа, бидејќи податоците автоматски ќе се преземаат од е-дневникот, што ќе овозможи побрзо и попрецизно пополнување без рачни грешки.
Според најавите, од следната година електронски свидетелства ќе добиваат и учениците од четврто, петто и шесто одделение, додека до 2028 година дигитализацијата ќе биде целосно завршена и за учениците до деветто одделение.
Министерката посочи дека со воведувањето на електронските документи ќе се намали употребата на хартија и загадувањето, а воедно ќе се олесни и процесот на упис во средните училишта, бидејќи системот автоматски ќе ги презема потребните податоци од училиштата.
Во однос на реформите во високото образование, Јаневска информираше дека се работи на усогласување на трите закони за високо образование, за обезбедување квалитет во високото образование и за научно-истражувачка дејност. Дел од забелешките веќе се разгледуваат, а се очекува комплетното усогласување да заврши следната недела, по што законите ќе влезат во владина процедура.
Изјавите министерката ги даде пред потпишувањето меморандум за соработка меѓу Градежниот и Економскиот факултет со два германски универзитета во областа на циркуларната економија.
