СИЛНО ПАРТНЕРСТВО Македонија и Хрватска потпишаа стратешки договор
Договорот опфаќа повеќе стратешки сектори, од енергетика до кибербезбедност.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ денеска потпишаа Договор за стратешка соработка меѓу двете држави, со што, како што беше истакнато, се отвора ново поглавје во билатералните односи. Покрај овој договор, беше потпишан и договор за соработка меѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Македонија и Министерството за економија на Хрватска.
На заедничката прес-конференција по потпишувањето, двајцата премиери порачаа дека со новите договори се продлабочува веќе добрата и пријателска соработка меѓу двете земји. Хрватска, како членка на НАТО и Европската Унија, беше посочена како важен партнер на Македонија во процесот на европска интеграција.
Мицкоски истакна дека стратешкиот договор претставува повеќе од дипломатски чин, туку долгорочна рамка за зајакнување на соработката во клучни области како транспорт, енергетика, ИКТ, индустрија, здравство, образование, безбедност, одбрана, кибербезбедност и гранично управување.
Тој додаде дека со договорот се отвора можност за поблиска поврзаност меѓу институциите, бизнис-секторот, академската заедница и граѓанските организации од двете земји.
Пред средбата, Мицкоски преку објава на „Фејсбук“ порача дека разговорите со Пленковиќ се одвивале во конструктивна атмосфера и дека биле фокусирани на унапредување на соработката, регионалната стабилност, европската перспектива и заедничките предизвици.
Од Владата се наведува дека средбите претставуваат уште една потврда за силното партнерство меѓу Македонија и Хрватска и за заедничката заложба за стабилен и европски ориентиран регион.
