МОЛК НА ТЕЛЕФОНСКАТА ЛИНИЈА Арапските лидери занемеа кога Трамп го спомна Израел
Трамп условил мировен договор со Иран со нормализација со Израел.

Американскиот претседател Доналд Трамп наводно им соопштил на лидери од неколку арапски и муслимански земји дека САД би можеле да посредуваат во мировен договор со Иран и повторно отворање на Хормутскиот теснец, но само доколку тие држави ги нормализираат односите со Израел, објавија странски медиуми повикувајќи се на протечен телефонски разговор.
Во конференцискиот повик, кој се одржал во саботата, учествувале високи претставници од Саудиска Арабија, Катар, Турција, Египет, Пакистан, Јордан, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати. Разговорот, според извори, бил фокусиран на можноста за деескалација на конфликтот меѓу САД и Иран и обезбедување стабилност на клучен нафтен коридор.
Според извештаите, Трамп во текот на разговорот поставил услов земјите да се приклучат кон процесот на нормализација со Израел, како продолжение на т.н. Авраамови договори. Дел од земјите учеснички, меѓу кои Саудиска Арабија, Катар и Пакистан, немаат официјални дипломатски односи со Израел.
Извори за „Аксиос“ наведуваат дека реакцијата на лидерите била изненадување и краток молк по барањето, по што разговорот продолжил во поформален тон. Во еден момент, Трамп наводно се пошегувал прашувајќи дали учесниците сè уште се на линија.
По завршувањето на повикот, било најавено дека американските емисари Џаред Кушнер и Стив Виткоф ќе продолжат со дипломатските разговори во наредниот период.
Трамп подоцна на социјалната мрежа „Truth Social“ ја потврдил својата заложба за проширување на Авраамовите договори, нагласувајќи дека очекува повеќе држави од Блискиот Исток да се приклучат на процесот на нормализација со Израел, доколку се постигне договор за прекин на конфликтот со Иран.
