ПОЧИНА МАРТИН ТРЕНЕВСКИ Поранешен министер, амбасадор и новинар
Треневски беше активен и во политичкиот живот како член на ВМРО-ДПМНЕ.

Почина поранешниот министер, амбасадор и новинар Мартин Треневски, соопшти неговото семејство. Треневски, роден во 1949 година во Скопје, зад себе остави богата и повеќедецениска кариера во новинарството, дипломатијата и државните институции.
Образованието го стекнал на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, каде дипломирал англиски јазик и литература на Филолошкиот факултет. Подоцна магистрирал политички науки во областа на масовните комуникации и информирањето.
Новинарската кариера ја започнал во повеќе македонски медиуми, а професионалниот врв го достигнал во агенцијата ТАНЈУГ, каде во 1986 година бил назначен за дописник од Австралија и Јужниот Пацифик. Во тој период активно ја афирмирал македонската дијаспора во Австралија, а паралелно се истакнал и како публицист и автор на бројни дела.
По осамостојувањето на Република Македонија, Треневски беше именуван за министер за информации во првата македонска влада, а подоцна ја извршуваше и функцијата министер за иселеништво. Во дипломатската кариера беше амбасадор во Шведска, Норвешка, Финска и Естонија, генерален конзул во Торонто и амбасадор на Македонија во НАТО.
Беше активен и во политичкиот живот како член и активист на ВМРО-ДПМНЕ од самите почетоци на партијата.
За својот придонес во новинарството, публицистиката и дипломатијата добитник е на повеќе домашни и меѓународни признанија, меѓу кои и највисоката македонска новинарска награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, доделена во 1983 година.
Погребот ќе се одржи утре, 27 мај 2026 година, во 13 часот на Градските гробишта Бутел во Скопје.
