ДЕМИР ДАЛИП ЖЕСТОКО СЕ ОГРАДИ – Рубин Земон не нè претставува, со Виктор Стојанов ни кафе не би пиел
Лидерот на НГИ „Коалиција на Египќани“, Демир Далип, порача дека ставовите на Рубин Земон се лични и не ја претставуваат египќанската заедница во Македонија.

Припадниците на етничката заедница Египќани во Македонија се оградуваат од ставовите и постапките на Рубин Земон, порача лидерот на НГИ „Коалиција на Египќани“, Демир Далип. Тој истакна дека Египќаните се мала, но автохтона и автентична етничка заедница, која Македонија ја чувствува како своја единствена татковина и со децении е лојален и конструктивен дел од мултиетничкото општество.
„Од осамостојувањето на Македонија до денес, Египќаните се мирољубив, лојален и конструктивен етникум, кој активно придонесува во интегративните процеси и во зачувувањето на унитарниот карактер на државата“, вели Далип.
Тој нагласи дека ставовите на Рубин Земон се исклучиво негови лични ставови и дека тој не е претставник на Египќаните, иако дел од медиумите така го претставиле во јавноста. Според Далип, Земон е поранешен претседател на ПОЕН, политичка партија која подоцна се приклучила кон структурите на СДСМ, а воедно бил и член на Извршниот одбор на партијата.
Далип додава дека огромното мнозинство од Египќаните ги поддржуваат политиките на Владата предводена од Христијан Мицкоски и, како што наведува, македонските национални интереси.
Осврнувајќи се на бугарскиот активист Виктор Стојанов, Далип порача дека нема намера да комуницира со луѓе кои, според него, го негираат македонскиот народ.
„Со такви луѓе не би седнал ни на маса, ни вода не би пиел, а камоли кафе“, изјави лидерот на НГИ „Коалиција на Египќани“, дипломираниот правник Демир Далип.
