AI ЈА МЕНУВА ИГРАТА Брендовите повеќе не се борат за видливост, туку за препорака

Експерти предупредуваат дека класичните SEO и маркетинг стратегии губат на значење.

AI ЈА МЕНУВА ИГРАТА Брендовите повеќе не се борат за видливост, туку за препорака
Фото: Принтскрин

Традиционалните пристапи за дигитална видливост повеќе не се доволни за опстанок и раст на пазарот во ерата на вештачката интелигенција. Ова беше клучната порака од бизнис настанот „Will AI Find Your Brand?“, одржан во просториите на АНК Северна Македонија, во организација на АНК и Represent Communications Skopje.

Настанот обедини водечки комуникациски експерти од регионот и претставници на бизнис секторот, со цел да се разјасни како големите јазични модели (LLM) влијаат врз репутацијата и видливоста на компаниите.

Во фокусот на дискусијата беше промената во однесувањето на корисниците. Сè почесто, наместо класични пребарувачи, луѓето директно им се обраќаат на AI системи. Без разлика дали планираат патување, бараат препорака за производ или споредуваат цена и квалитет, корисниците очекуваат персонализиран одговор во форма на разговор.

Во вакви услови, вештачката интелигенција станува посредник што ги собира, синтетизира и толкува информациите за брендовите уште пред корисникот да ја посети нивната веб-страница.

На панелот, свој став сподели и Виктор Стојкоски, генерален секретар на Асоцијацијата за е-трговија и сопственик на svnadesign.com, кој истакна дека AI целосно го менува патот до купување, од самостојно истражување на корисникот кон автоматизирани, персонализирани препораки базирани на доверба, релевантност и податоци. Според него, најуспешни ќе бидат брендовите што градат силна дигитална репутација и јасно онлајн присуство.

Д-р Борислав Миљановиќ, сопственик и извршен директор на Represent System, нагласи дека репутацијата во новата ера станува директно „читлива“ за алгоритмите.

Тој истакна дека компаниите веќе не управуваат само со сопствената комуникација, туку и со начинот на кој вештачката интелигенција ги интерпретира информациите за нив. Иако технологијата носи брзина, значењето останува човечки фактор, а довербата станува клучна валута.

Според него, значаен дел од информациите што ги користат AI системите потекнуваат од релевантни ПР содржини и медиумски објави.

Гордана Коруноска од Synapse ја воведе концепцијата на „дигитална доверливост“ како нов клучен фактор за конкурентност.

Таа нагласи дека не е доволно само присуство на интернет, туку јасна и конзистентна дигитална слика што AI системите можат лесно да ја интерпретираат. Алгоритмите работат врз основа на сигнали и доколку тие се нејасни или слаби, компанијата нема да биде препорачана.

Лазар Јовановиќ, главен директор за дигитални технологии и AI во Represent System, презентираше примери од практиката, нагласувајќи дека AI веќе носи конкретни деловни резултати.

Според неговите анализи, правилно имплементирани стратегии за AI видливост можат значително да го зголемат присуството на брендовите во AI одговорите, што директно влијае и врз продажбата. Тој посочи дека компаниите кои први ќе ја изградат својата позиција во „AI Share of Voice“ имаат најголема шанса да станат препорачани избори во моментот на донесување одлука од страна на потрошувачите.

Настанот испрати порака дека бизнисите мора да се прилагодат на новата реалност во која вештачката интелигенција станува клучен посредник меѓу брендот и корисникот. Фокусот се поместува од класична видливост кон „AI препознатливост“, каде довербата, јасните сигнали и дигиталната репутација стануваат одлучувачки фактори за успех.

CATEGORIES
Share This