РИМ ВО ЗНАКОТ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА – Заврши чествувањето на Св. Кирил

Министeрот Љутков истакна дека делото на Кирил и Методиј е темел на словенската писменост и култура.

РИМ ВО ЗНАКОТ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА – Заврши чествувањето на Св. Кирил
Фото: Принтскрин

Свечено заврши годинашното чествување на сесловенските просветители во Рим со концерт на камерниот ансамбл „Консонанс“, одржан во впечатливиот амбиент на „Хорти Салустијани“. Настанот беше дел од традиционалната манифестација „Македонија во чест на Св. Кирил“.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој учествува во државно-црковната делегација, во своето обраќање истакна дека делото на светите браќа Кирил и Методиј претставува траен духовен и цивилизациски темел на словенската писменост, култура и идентитет.

„Нашата земја е духовен мост и светилник што со векови го чува пламенот на словото“, порача Љутков.

Тој нагласи дека македонското духовно и културно наследство продолжува да живее преку јазикот, уметноста и традицијата.

Тој посочи дека Рим, како град во кој се вкрстуваат различни цивилизации и духовни традиции, претставува симболично место за оддавање почит на сесловенските просветители, чие дело и денес ги обединува народите преку вредностите на словото, верата и културата.

Осврнувајќи се на значењето на уметноста, Љутков ја нагласи музиката како универзален јазик што ги надминува границите и ги поврзува луѓето преку емоција и духовност. Според него, ансамблот „Консонанс“ со својот настап испратил силна порака за културниот континуитет и богатството на македонската традиција.

Чествувањето на Св. Кирил во Рим започна со аудиенција кај папата Лав XIV и средба со кардиналот Пјетро Паролин, државен секретар на Светиот Престол, во рамки на државно-црковната делегација предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши. Во програмата беше одржан и молебен на гробот на Св. Кирил во базиликата „Сан Клементе“, а делегацијата ја посети и папската базилика „Санта Марија Маџоре“, каде што беше положен венец на спомен-плочата испишана на македонски јазик.

CATEGORIES
Share This