ПОЧЕТОК НА КРАЈОТ НА ЗАПУШТЕНОСТА – Се обновува железничкиот објект во Скопје
Започна акција за чистење на Железничката станица во Скопје, Отстранување на билборди и реклами како прв чекор во уредувањето.

Почна акција за чистење и уредување на Железничката станица во Скопје, објект кој, според надлежните, со децении бил запоставен и во лоша визуелна и функционална состојба во центарот на главниот град.
Директорот на ЈП „Железници Инфраструктура“, Синиша Ивановски, преку објава на Фејсбук информира дека се започнати конкретни активности за подобрување на изгледот на станицата, како дел од поширок и долгорочен процес на реконструкција.
Како прв чекор, отстранети се билборди, светлосни реклами и постери кои со години биле поставени на објектот, а во тек е и генерално чистење на просторот.
„По декади запуштеност се чисти Железничката станица во Скопје. Таа треба да биде симбол и гордост на главниот град, но долгогодишната негрижа ја доведе до нејзината неадекватна состојба“, навел Ивановски.
Тој истакнува дека процесот ќе се одвива постепено и систематски, со цел враќање на функционалноста и уредениот изглед на објектот.
„Преземаме мерки за подобрување на надворешниот и внатрешниот изглед преку долгорочни активности и организиран пристап“, стои во неговата објава.
Во првата фаза останал само еден светлосен рекламeн панел, за кој е најавено дека доколку не биде отстранет во рок од седум дена, ќе биде раскинат договорот за закуп.
Ивановски додаде дека паралелно се работи и на поширок план, при што во соработка со Архитектонскиот факултет се подготвува проект за целосна реконструкција, додека ИЗИИС ја испитува конструктивната стабилност на објектот.
Тој посочи дека во рамки на станицата функционира и полициска станица и се заблагодари за нивната соработка во процесот.
