ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА ГО ПОВИКА СДСМ НА ДВОБОЈ ВО ФИНАНСИИ Дојдете да ви ги покажеме бројките
Опозицијата ја прифати поканата, но побара присуство на медиуми и целосна јавност.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска го повика економскиот тим на СДСМ на средба во Министерството за финансии, со цел, како што наведе, „отворено да се разговара за економските состојби и јавните финансии“.
Од опозициската партија веднаш одговорија дека ја прифаќаат поканата, но побараа средбата да биде јавна и пред медиумски камери.
Во објава на социјалните мрежи, министерката оцени дека во изминатите денови од страна на опозицијата имало „хистерични прес-конференции“ со, како што вели, неточни и погрешно интерпретирани информации за економијата.
Таа посочи дека Владата наследила тешка финансиска состојба, со зголемен јавен долг, ниски стапки на економски раст и нарушена доверба во институциите. Според неа, јавниот долг од 2017 до 2024 година речиси се удвоил, достигнувајќи околу 9 милијарди евра.
Димитриеска-Кочоска тврди дека актуелната власт во последните шест квартали бележи економски раст од околу 3 проценти, раст на платите и поголема реализација на капитални инвестиции.
Таа нагласи дека Владата паралелно сервисира стари долгови, отплаќа еврообврзници и финансира нови проекти, при што само за отплата на претходни задолжувања биле обезбедени околу 1,2 милијарди евра.
Министерката ја обвини претходната власт дека оставила „хаос во јавните финансии“, додека актуелната, според неа, работи на стабилизација на економијата, зголемување на довербата во институциите и подобрување на животниот стандард.
Воедно порача дека сите економски показатели и податоци се јавно достапни на веб-страницата на Министерството за финансии и ги повика претставниците на опозицијата пред јавни настапи внимателно да ги проверуваат фактите.
