БУГАРСКА ФИРМА ВО МАКЕДОНИЈА ЗА БРЗИ КРЕДИТИ ОСТАНА БЕЗ ДОЗВОЛА: Лани заработила 4 милиони евра, а работела незаконски

Вонреден надзор открил сериозни прекршувања и непочитување на законските прописи во работењето на компанијата.

БУГАРСКА ФИРМА ВО МАКЕДОНИЈА ЗА БРЗИ КРЕДИТИ ОСТАНА БЕЗ ДОЗВОЛА: Лани заработила 4 милиони евра, а работела незаконски
Фото: Принтскрин

Министерството за финансии ѝ ја одзеде дозволата за работа на една од поголемите компании за брзи кредити во земјава, по вонреден надзор што открил сериозни неправилности и прекршувања на законските прописи.

Иако министерствотот не го објави името на компанијата, според информации на Нацонал станува збор за „Креди Јес“, финансиско друштво за брзи кредити со сопственици од Бугарија.

Од Министерството посочуваат дека биле утврдени груби прекршувања на законите, непочитување на правилата за заштита на корисниците и практики со кои граѓаните биле директно изложени на ризик.

„Поради тежината на прекршоците и сериозноста на констатираните неправилности, во мај е донесено решение за одземање на дозволата за работа на финансиското друштво“, соопшти Министерството за финансии.

Според информациите, „Креди Јес“ веќе започнал со затворање на околу 40 филијали низ државата, додека околу 120 вработени добиле известување дека компанијата престанува со работа.

Во иднина, друштвото ќе може единствено да ги наплатува постојните побарувања.

„Креди Јес“ е присутен на македонскиот пазар од 2019 година, а според финансиските извештаи, лани остварил приходи од околу четири милиони евра и добивка од околу 1,15 милиони евра.

Од почетокот на годинава, Министерството за финансии изрекло 22 глоби за 16 финансиски друштва, како и 23 писмени наредби за отстранување на утврдени неправилности.

Воедно, најавени се и законски измени со кои дополнително ќе се заострат условите и критериумите за работа на финансиските друштва.

CATEGORIES
Share This