РАБОТИТЕ ОДАТ ПОДОБРО ОД ОЧЕКУВАНОТО – Што значи тоа за возачите

Целосното завршување на автопатската мрежа се очекува до 2029 година.

РАБОТИТЕ ОДАТ ПОДОБРО ОД ОЧЕКУВАНОТО – Што значи тоа за возачите
Фото: Национал

Рокот за завршување на автопатот Охрид–Кичево е поставен за мај следната година, а вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изрази очекување дека проектот може да биде завршен и порано, бидејќи работите, како што рече, се одвиваат со добра динамика.

Во интервју за национална телевизија, Николоски истакна дека веќе се пуштени во употреба околу 37 километри од вкупно 57-те километри на трасата. Тој додаде дека во текот на летото се очекува да бидат отворени уште делови, со цел целата делница да биде завршена во предвидениот рок.

Според него, проектот со години се соочувал со различни проблеми, но сега тие се надминати.

„Ова е првата Влада што навистина се посвети на овој проект“, рече Николоски.

Тој додава дека реално активната изградба трае околу две години, иако често се смета дека се работи за многу подолг период.

Тој нагласи дека автопатските делници на Коридор 8 се движат според планот и најави дека следната година би можела да биде пуштена во употреба една коловозна лента на делницата Прилеп–Битола. Целосното завршување на автопатот, според него, се очекува до 2029 година, заедно со делниците Тетово–Гостивар и Гостивар–Букојчани.

Како најголем тековен предизвик го посочи пристапот до наоѓалиштето за материјал кај селото Ореовец, каде, како што тврди, одредени сопственици на вили го попречуваат процесот. Тој оцени дека ваквото одложување предизвикува значителни трошоци и најави дека проблемот ќе биде надминат.

За делницата Гостивар–Тетово рече дека е технички покомплексна поради потреба од дислокација на објекти, додека за Гостивар–Букојчани истакна дека работите напредуваат добро и дека досега се пробиени околу 18 километри од трасата.

CATEGORIES
Share This