КРАЈ НА НАТО КАКОВ ШТО ГО ЗНАЕМЕ – Столтенберг предупредува за распад без Америка
Столтенберг предупредува дека без американската поддршка НАТО би ја изгубил својата суштина и функционалност.

НАТО не може да опстане без Соединетите Американски Држави, а Европската Унија не претставува замена за Алијансата, изјави поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Тој нагласи дека НАТО во својата сегашна форма постои речиси 80 години токму поради заедничкото делување на Европа и САД во соочувањето со безбедносните закани.
„Не, ова не е НАТО каков што го знаеме речиси осум децении, бидејќи Европа и САД се тие што заедно одговараат на сите предизвици“, изјави Столтенберг, одговарајќи на прашањето дали Алијансата би можела да опстане без американско учество.
Тој додаде дека е неопходно да се направат сите напори за да се избегне продлабочување на разликите меѓу Брисел и Вашингтон.
Столтенберг исто така оцени дека Европската Унија не може да ја преземе улогата на НАТО во доменот на колективната одбрана и безбедносните гаранции.
„Не сметам дека ЕУ може да го замени НАТО во прашањата за колективна одбрана и безбедносни гаранции“, истакна тој.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека размислува за можно повлекување на САД од НАТО, по несогласувања околу поддршката за американските операции против Иран. Тој ги критикуваше сојузниците дека не реагирале доволно и оцени дека САД не зависат од помошта на членките на Алијансата.
