ПРИЗНАНИЕ ЗА КЕДЕВ – Европско движење ја додели плакетата за 2025 година
Признанието го доделува Европското движење во РСМ по повод Денот на Европа.

Интервентниот кардиолог, универзитетски професор и алпинист Сашко Кедев денеска ја доби плакетата „Европска личност на годината“ за 2025 година. Признанието го доделува Европското движење во Република Македонија, традиционално по повод одбележувањето на Денот на Европа.
Кедев не присуствуваше лично на свечената церемонија поради неодложни професионални обврски, но се обрати преку видеопорака во која изрази благодарност за укажаната чест. Тој нагласи дека наградата за него претставува не само лична признание, туку и дополнителен поттик за уште поголема посветеност кон вредностите што придонесуваат за пофер и подобро општество.
Во своето обраќање, тој ги истакна темелните европски вредности, човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и заштитата на човековите права. Според него, овие принципи не се исклучиво европски, туку универзални вредности што ги поврзуваат народите и поединците.
Организаторите посочија дека признанието се доделува на личности кои со својот професионален и општествен ангажман придонесуваат за промоција на европските вредности и процесот на евроинтеграција на државата. Изборот на Кедев, велат тие, симболично ги поврзува медицината, науката, јавниот ангажман и личната дисциплина со идејата за современо и одговорно општество.
Меѓу досегашните добитници на ова признание се истакнати личности од културата, спортот, науката и политиката, како Тоше Проески, Влатко Стефановски, Горан Пандев, Симон Трпчевски, Радмила Шекеринска и Борис Трајковски, имиња кои оставиле значаен белег во македонското општество и јавниот живот.
