(ВИДЕО) ПАДНА РЕКОРД НА ГРАНИЦА – Запленети половина милион евра и минибус

Девизите биле скриени во специјално изработен бункер во минибус на туристичка агенција.

(ВИДЕО) ПАДНА РЕКОРД НА ГРАНИЦА – Запленети половина милион евра и минибус
Фото: Принтскрин

Царинската управа спречи обид за нелегален пренос на 500.000 евра на граничниот премин Табановце, што е оценето како историски најголема заплена на девизи во државата. Парите биле откриени во специјално изработен бункер во минибус управуван од албански државјанин.

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, на прес-конференција соопшти дека акцијата ја реализирал Секторот за контрола и истраги преку Одделението за оперативни работи.

„Секторот за контрола и истраги преку Одделението за оперативни работи спречи обид за нелегален пренос на готовина во износ од пола милион евра пронајдени во бункер на минибус, што резултираше со историски најголема заплена на девизи“, изјави Николовски.

Според информациите, девизите и возилото биле трајно одземени, а против возачот, албански државјанин со иницијали Џ.Г., била поведена постапка. За случајот веќе е донесена пресуда од Основен суд Куманово.

Криумчарењето било откриено при влез во државата, кога царинските служби издвоиле за детална контрола минибус сопственост на туристичка агенција од Албанија, во кој се превезувале седум патници.

Во акцијата учествувале мобилен тим, К9 единица и Службата за мобилни скенери. Според Николовски, искусните инспектори веднаш забележале преправки на возилото, по што царинско куче сигнализирало можност за криумчарење на истото место.

По скенирањето на минибусот, инспекторите го отвориле специјално изработениот бункер и пронашле 14 проѕирни ќеси со вкупно 500.000 евра.

Од Царинската управа порачаа дека секој обид за нелегален прекуграничен пренос на готовина ќе биде строго санкциониран. Согласно законските процедури, запленетите средства биле предадени на Агенција за одземен имот, а потоа депонирани во Народна банка.

CATEGORIES
TAGS
Share This