СВЕТСКИ ЗВЕЗДИ НА ЕДНА СЦЕНА – Кој настапува во „Мадам Батерфлај“?

На сцената на Националната опера и балет пристигнува едно од најемотивните дела на Пучини.

СВЕТСКИ ЗВЕЗДИ НА ЕДНА СЦЕНА – Кој настапува во „Мадам Батерфлај“?
Фото: Принтскрин

Во рамките на 54. издание на престижниот меѓународен фестивал „Мајски оперски вечери“, вечерва на 20 мај со почеток во 20:00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена операта „Мадам Батерфлај“ од Џакомо Пучини едно од најемотивните и најчесто изведувани дела од светскиот оперски репертоар. Делото претставува музичка драма во која љубовта, надежта и предавството се испреплетуваат во една длабоко трагична човечка приказна.

Диригент на претставата е гостин од Грција, Мирон Михаилидис, додека режијата е на Александар Текелиев од Бугарија. Сценографијата ја изработи Живојин Трајановиќ, а костимографијата е на Лира Грабул. Концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓургица Дашиќ.

Во насловната улога на Чо Чо Сан (Мадам Батерфлај) настапува гостинката од Италија, Доната Д’Анунцио Ломбарди. Улогата на Пинкертон ја толкува Хектор Лопез од Мексико, додека како Шарплес настапува Енрико Маручи од Италија. Во останатите улоги учествуваат Марика Поповиќ, Исмет Вејсели, Невен Силјановски, Јане Дунимаглоски, Соња Пендовска Мадевска, Валентина Димитриевска, Марко Димовски, Марко Гапо, Дарко Станојловски, Борко Биџовски, Филип Мирчевски, Никола Чедомировски, Шинаси Рамдан и Васко Здравков, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Мадам Батерфлај“ е опера што ја истражува темата на безусловната љубов и кревката надеж што опстојува и покрај разочарувањата. Пучини во ова дело спојува западни музички традиции со ориентални мотиви, создавајќи партитура исполнета со лирска суптилност и силен драмски набој. Делото се издвојува по својата емоционална длабочина, што ја прави една од најтрогателните опери во светската музичка литература.

CATEGORIES
Share This