10 МИЛИОНИ И НИКОЈ ПОВЕЌЕ – Референдум за ограничување на населението во Швајцарија

Поддржувачите бараат „одржлива Швајцарија“, противниците предупредуваат на економски колапс.

10 МИЛИОНИ И НИКОЈ ПОВЕЌЕ – Референдум за ограничување на населението во Швајцарија
Фото: Принтскрин

За помалку од еден месец, Швајцарија би можела да се соочи со референдум кој би вовел уставно ограничување на бројот на жители и нешто што досега не е направено во ниту една европска земја.

На 14 јуни, граѓаните ќе гласаат за иницијативата „Не за Швајцарија со 10 милиони жители“, поддржана од Швајцарската народна партија. Доколку биде усвоена, властите ќе мора да обезбедат бројот на постојани жители да не надмине 10 милиони до 2050 година.

Во случај населението да се приближи или да го надмине тој праг, државата би била обврзана да ги заостри правилата за азил и семејно обединување, како и да ги преиспита или раскине меѓународните договори што влијаат врз растот на населението и меѓу нив и договорот со Европската Унија за слободно движење на луѓе.

Швајцарија, која со децении важи за стабилна, богата и отворена држава, со овој референдум отвора пошироко прашање: колку миграцијата може да ја поддржи економијата, а колку го менува општеството?

Денес земјата има околу 9,1 милиони жители и речиси два милиони повеќе отколку на почетокот на векот. Околу 80% од растот доаѓа од имиграција, додека природниот прираст е низок (околу 1,3 деца по жена). Странците сочинуваат околу 27% од населението.

Поддржувачите на иницијативата сметаат дека брзиот раст на населението создава притисок врз инфраструктурата во смисла на зголемени кирии и недостиг на станови, сообраќаен метеж, оптоварување на училиштата и здравствениот систем и притисок врз јавните услуги во големите градови како Цирих и Женева.

Тие тврдат дека мерката не е насочена против странците, туку кон обезбедување одржлив развој и подобар квалитет на живот.

Противниците, меѓу кои Федералниот совет, дел од парламентот и бизнис-секторот, предупредуваат дека ограничувањето на населението може сериозно да ја погоди економијата.

Швајцарија силно зависи од странска работна сила во фармацевтската индустрија, банкарството, ИТ секторот, здравството и инженерството и туризмот.

Дополнително, тие предупредуваат дека мерката би можела да ги наруши односите со Европската Унија, бидејќи договорот за слободно движење на луѓе е клучен дел од соработката.

Анкетите покажуваат тесна борба, со поддршка која се движи меѓу 47% и 52%, што значи дека резултатот е целосно неизвесен.

Иако владата и мнозинството во парламентот се против, конечната одлука ја носат граѓаните, во духот на швајцарската директна демократија.

Без разлика на исходот, референдумот веќе отвори поширока европска дебата за миграцијата, економијата и идентитетот на современите општества.

CATEGORIES
TAGS
Share This