ОВА Е ВИСТИНСКАТА ЦЕНА НА ВОЈНАТА – 25 милијарди исчезнаа преку ноќ
Стотици компании воведуваат мерки за преживување: отпуштања, кратења и поскапувања.

Американско-израелскиот конфликт со Иран досега ги чинел компаниите ширум светот најмалку 25 милијарди долари, а трошоците и понатаму растат, пренесува „Ројтерс“.
Анализата на корпоративни извештаи од компании во САД, Европа и Азија покажува јасен финансиски притисок кој произлегува од конфликтот. Фирмите се соочуваат со поскапување на енергијата, нарушување на синџирите на снабдување и отежнат транспорт, особено поради тензиите околу Хормускиот теснец.
Најмалку 279 компании ја навеле војната како причина за мерки за ублажување на штетите, меѓу кои се зголемување на цените, намалување на производството, суспендирање на дивиденди и откуп на акции, отпуштања, дополнителни давачки за гориво и барање државна помош.
Ова е уште еден во серијата глобални шокови за бизнис-секторот по пандемијата на Ковид-19 и руската инвазија врз Украина, кои дополнително ги намалуваат деловните очекувања за остатокот од годината, со ограничени изгледи за брз крај на конфликтот. Околу една петтина од компаниите опфатени во анализата пријавиле директни финансиски загуби, од различни индустрии, од козметика и гуми, до детергенти, крстаречки компании и авиокомпании.
Најголем дел од погодените фирми се во Европа, каде што енергетските трошоци нагло се зголемени, додека речиси една третина се од Азија, поради силната зависност од нафта и горива од Блискиот Исток.
Дополнително, стотици компании пријавиле над 35 милијарди долари трошоци поврзани со американските царини воведени од претседателот Доналд Трамп во 2025 година, кои важат за повеќе земји во различни пропорции.
Авиоиндустријата е меѓу најпогодените, со речиси 15 милијарди долари квантифицирани загуби поврзани со конфликтот, додека цените на авионското гориво речиси се удвоиле.
