НАД 1.000 КАЗНИ ЗА ДВА ДЕНА – Брзото возење најчест прекршок низ Македонија

Освен за брзо возење, санкции биле изречени и за алкохол, непочитување на безбедносните правила и нерегистрирани возила.

НАД 1.000 КАЗНИ ЗА ДВА ДЕНА – Брзото возење најчест прекршок низ Македонија
Фото: Принтскрин

Во засилените сообраќајни контроли што полициските службеници ги спроведоа низ државата во текот на 16 и 17 мај, биле издадени вкупно 1.026 платни налози, при што најголем дел од прекршоците, дури 316 се однесувале на непочитување на дозволената брзина на движење.

Поради безобѕирно управување со возило, приведени биле 34 лица. Од нив, деветмина управувале возило под дејство на алкохол, 24 возеле без возачка дозвола, а едно лице управувало и покрај претходно изречена забрана.

Во истиот период, полицијата одзела 23 возила согласно член 300-б од Кривичниот законик.

Статистиката од спроведените контроли покажува и 164 санкции за неправилно паркирање, како и 29 прекршоци за возење под дејство на алкохол.

Санкционирани биле и 107 мотоциклисти поради неносење заштитен шлем, пет пешаци, како и 99 учесници во сообраќајот кои не користеле сигурносен појас.

Според Законот за возила, од сообраќај биле исклучени 15 нерегистрирани возила и уште четири поради техничка неисправност. Дополнително, двајца возачи биле санкционирани поради незаконско затемнување на стаклата на возилата.

Од МВР најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредните денови.

CATEGORIES
Share This