МЕРКИТЕ ЗАВРШИЈА ДАЛИ ЌЕ ИМА ПОСКАПУВАЊЕ НА ХРАНАТА Премиерот Мицкоски уверува дека нагло поскапување ќе нема

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, најави дека по завршувањето на мерката, ќе се вршат дополнителни контроли не само кај трговците, туку и кај дистрибутерите и производителите, со цел да се спречат евентуални злоупотреби и манипулации со цените.

МЕРКИТЕ ЗАВРШИЈА ДАЛИ ЌЕ ИМА ПОСКАПУВАЊЕ НА ХРАНАТА Премиерот Мицкоски уверува дека нагло поскапување ќе нема

На 30 април заврши владината мерка за ограничување на бруто-профитната маржа на над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи, која беше воведена на 20 февруари оваа година. Според оваа одлука, производите се продаваа со строго ограничени маржи, со цел да се стабилизираат цените и да се ублажат последиците од инфлацијата врз граѓаните.

Основните прехранбени продукти како млекото, лебот, брашното (тип 400 и 500), јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко беа продавани со максимална маржа од 5 отсто. Месото, шеќерот, млечните производи, маргаринот, путерот, конзервираниот зеленчук и овошје, гравот, оризот и тестенините имаа дозволена маржа од 10 отсто. Средствата за хигиена, свежото овошје и зеленчук, детергентите, бебешката храна, пелените, сапунот и тоалетната хартија се продаваа со максимална маржа од 15 отсто. За пресметување на ограничените цени се земаше предвид највисоката цена која важела на 1 февруари.

Мерката опфати вкупно 102 групи производи. Според надлежните, резултатите биле позитивни. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и заменик-министерот Марјан Ристески изјавија дека контролата на профитните маржи придонела за ценовна стабилност, а можно продолжување на мерката ќе биде разгледано доколку се појави потреба.

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, најави дека по завршувањето на мерката, ќе се вршат дополнителни контроли не само кај трговците, туку и кај дистрибутерите и производителите, со цел да се спречат евентуални злоупотреби и манипулации со цените. Уверува дека нагло поскапување ќе нема.

„Такви трикови ние нема да дозволиме да се случат. Можеби некој да се обидува да се служи со такви трикови, но тоа нема да се случи бидејќи лично разговарав и со министерот и со директорот на пазарниот инспекторат за засилена контрола не само кај трговците, туку и кај дистрибутерите и производителите. Да видиме да не има при влезните фактури исто така трикови, не само оние што ги продаваат на своите рафтови во дуќаните. Нема да се дозволи тоа“ рече премиерот.

Тој додаде дека мерката го постигнала својот ефект, придонесувајќи за намалување на цените и смирување на инфлацијата, која според последните податоци изнесува 2,7 проценти – најниска во регионот.

CATEGORIES
Share This