КРАЈ НА ЕДНА ЕРА ВО БАРСЕЛОНА И РЕАЛ – Две фудбалски легенди си заминуваат ова лето
Две фудбалски легенди пред нови поглавја во кариерата.

Легендарниот полски голгетер Роберт Левандовски официјално стави крај на својата авантура во Барселона. По четири сезони во Каталонија, искусниот напаѓач одлучи да не потпише нов договор и летово ќе замине како слободен играч.
Еден од најдобрите напаѓачи во модерниот фудбал преку емотивна порака на социјалните мрежи се збогуваше со навивачите на Барселона.
„По четири години исполнети со предизвици, емоции и голема работа, време е за ново поглавје. Замнувам со чувство дека дадов сѐ од себе и дека мисијата е исполнета. Освоивме три трофеи и ја вративме Барса таму каде што припаѓа. Љубовта од навивачите никогаш нема да ја заборавам. Каталонија засекогаш ќе остане мој втор дом“, порача 37-годишниот Полјак во видео објавата.
Во меѓувреме, големи промени се најавуваат и во реал Мадрид. Долгогодишниот капитен Дани Карвахал, според „Атлетик“, ќе го напушти „Сантијаго Бернабеу“ по 13 години минати во клубот.
Карвахал не планира да потпише нов договор, а неговата иднина во Мадрид беше доведена во прашање по серијата повреди и загубеното место во стартниот тим, каде предност доби новалијата во реал, Тренд Александер Арнолд.
