РОДИТЕЛИТЕ НА УДАР – Дали казната од 250 евра е вистинското решение

Министерството подготвува измени со кои родителите ќе одговараат парично за насилство во училиштата.

РОДИТЕЛИТЕ НА УДАР – Дали казната од 250 евра е вистинското решение
Фото: Принскрин

По повеќе случаи на врсничко насилство, физички конфликти и онлајн булинг во училиштата во Македонија, Министерството за образование и наука најави измени во законската регулатива со кои родителите на деца што вршат насилство би се соочиле со парични казни од околу 250 евра.

Министерката за образование Весна Јаневска информира дека измените на Законот за основно образование се во завршна фаза и наскоро ќе бидат доставени до Собранието. Според најавите, санкциите нема да важат само за случаи кога ученик ќе направи насилство, туку и кога родителите одбиваат соработка со училиштето и надлежните институции.

Од Министерството посочуваат дека целта е да се зголеми одговорноста на родителите и да се подобри соработката во решавањето на проблемите со насилството во училиштата.

Паралелно, Министерството за внатрешни работи најави засилени контроли врз приватните безбедносни компании ангажирани во училиштата. Според министерот Панче Тошковски, МВР ќе реагира во сите случаи каде што ќе се утврди непостапување или пропусти кои ја загрозуваат безбедноста на учениците и наставниот кадар. Дополнително ќе се проверува дали фирмите навистина ги исполнуваат законските обврски и дали има основ за одземање на лиценци.

Опозициската СДСМ побара политичка одговорност од министерката Јаневска и разрешување на директори на училишта за кои тврдат дека прикривале случаи на насилство. Од партијата предупредуваат дека училишниот систем се соочува со сериозни безбедносни предизвици и дека се потребни поефикасни мерки за превенција.

Дополнителен јавен притисок дојде и преку иницијатива на актерката Весна Петрушевска, која покрена петиција за посилна заштита на децата од штетни содржини на социјалните мрежи и интернет булинг. Со петицијата се бараат законски измени и воведување построги механизми за заштита на децата во онлајн просторот, по пример на европските практики.

CATEGORIES
Share This