ХАШКИОТ ТРИБУНАЛ ОДЛУЧИ – Младиќ останува во притвор и покрај терминална фаза на болест
Независни лекари потврдуваат дека Младиќ е во последна фаза од животот.

Хашкиот трибунал ја одби молбата за условно ослободување на поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, и покрај медицинските извештаи кои укажуваат дека тој се наоѓа во терминална фаза на болест.
Според одлуката на претседателката на судот, Грациела Гати Сантана, независните лекари утврдиле дека Младиќ добива соодветна и континуирана медицинска нега во притворската единица во Шевенинген, како и во болничките установи во Холандија, во согласност со меѓународните стандарди.
Одбраната на Младиќ тврдеше дека неговата здравствена состојба значително се влошила по сериозен медицински инцидент во април, за кој се претпоставува дека бил мозочен удар, и дека не постојат услови за адекватна палијативна грижа во затворски услови. Сепак, судот оцени дека тие аргументи не се доволни за негово ослободување од хуманитарни причини.
Судијката Сантана нагласи дека, и покрај сериозната состојба, медицинските служби во притворот обезбедуваат мултидисциплинарна и соодветна грижа, а експертите се согласуваат дека Младиќ е во последната фаза од животот.
Ратко Младиќ (84) издржува доживотна казна затвор изречена од меѓународниот суд за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година, вклучително и настаните во Сребреница и опсадата на Сараево.
Тој беше уапсен во Србија во мај 2011 година, по повеќе од една деценија бегство, а потоа екстрадиран во Хаг. Судењето траеше од 2012 до 2016 година, а правосилната пресуда беше донесена во 2021 година.
За време на притворот во Хаг, Младиќ имаше повеќе здравствени компликации и неколку пати бараше привремено ослободување, кои беа одбиени од судот.
